Албански државјанин украл возило, па нападнал полицаец

А.П. (24) од Прењас, Република Албанија е осомничен за сторени казнени дела „одземање на моторно возило“ и „напад врз службено лице при вршење работи од безбедноста“ поради што охридската полиција му поднесе кривична пријава.

Тој, на 27 јануари годинава, кај „Ќафасан“ илегално ја преминал македонско-албанската граница и се упатил кон селото Велешта. Таму, во автосервисот „пети“ забележал патничко моторно возело „фиат мареа“ со оставени клучеви на бравата по што го одзел и се вратил кон граничниот премин „Ќафасан“ каде го оставил возилото и се вратил во Албанија.

„Истиот ден, околу 22 часот и 3о минути, пријавениот заедно со уште три други лица-албански државјани, илегално ја преминале границата и со веќе одземеното возило се упатиле према Струга. На магистралниот пат Ќафасан-Струга, полициски службеници од полициското оделение Франгово забележувајќи го возилото, се обиделе да го сопрат но притоа, пријавениот А.П. ја зголемил брзината директно насочувајќи го возилото кон еден од полициските службеници. По многу кратко време, А.П. изгубил контрола врз управувањето со автомобилот и излетал од патот. Тој заедно со двајца сопатници успеале да излезат од испревртеното возило и да избегаат додека на четвртиот сопатник Г.Ш., полициските службеници му пружиле помош и го извлекле од автомобилот. Според него, возилото излетало од патот бидејќи во моментот кога пријавениот А.П. се обидел да го прегази полицискиот службеник, еден од патниците во автомобилот наеднаш го свртел воланот“, соопшти охридската полиција.

Албанскиот државјанин А.П. е лице познато на службата како сторител на повеќе казнени дела на подрачјето на Струга и околните населени места. Против него и досега, по повеќе основи се поднесувани кривични пријави.