Албанскиот театар ќе биде готов следната година

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и државниот секретар Бехиџудин Шехаби денеска го посетија Албанскиот театар во Скопје, каде е во тек реконструкција, која се очекува да биде завршена во септември следната година. Се реконструираат 4.300 метри квадратни. Од објектот остануваат само темелите и надворешните ѕидови, а во внатрешноста се интервенира насекаде, во сцена, инсталации, машинство.

Канческа-Милевска изрази задоволство од динамиката на реконструкцијата на објектот и најави дека во октомври или ноември, оваа институција ќе добие нова фасада, покривна конструкција и нови прозорци, по што ќе се продолжи со уредување во внатрешноста на објектот.

„Се работи за корисна површина од над 4.300 метри квадратни. Влезот ќе биде поголем, а објектот ќе ги има и двете сали кои постоеја и претходно. Сценската технологија и она што ќе биде вградено, како и досега, ќе биде од најврвните светски технологии, и аудио и видео опрема и технологија“ рече Канческа-Милевска.

Директорот на Албанскиот театар Адем Карага истакна дека работат во Театар комедија и додаде оти ги изведуваат претставите од редовниот репертоар.

Реконструкцијата на Албанскиот театар почна во јануари, чини околу 8 милиони евра, а за неа е задолжена италијанската фирма „Ламоне Мореда“.