Албанските владејачки социјалисти имаат јасно мнозинство на изборите, според прелиминарните резултати

Албанската владејачка Социјалистичката партија се чини ќе освои апсолутно мнозинство на парламентарните избори, покажуваат делумните резултати од преброените гласовови.

Според досегашните проекции, Социјалистичката партија освојува 79 од 140-те мандати во албанскиот парламент. Доколку овој резултат биде потврден до финалното пребројување на избирачкиот материјал, на премиерот Еди Рама нема да му биде потребен досегашниот коалициски партнер Социјалистичкото движење за интеграција (LSI), која освојува 20 мандати.

Главната опозициска партија Демократската партија на Љуљзим Баша, според истите проекции, ќе добие само 39 места во парламентот, иако во некои од анкетите пред изборите беше речиси изедначена со социјалистите.

Карактеристично за овие избори е многу ниската излезност на гласачите. Поради ова, како и бројните инциденти, меѓу кои и вооружен инцидент во кој има настрадан активист на опозицијата, беше продолжено за еден час гласањето.Овие избори се сметаат за многу важни за процесот на приближување на Албанија кон Европската унија, а службена Тирана се надеваше дека изборниот процес ќе мине без инциденти и забелешки од набљудувачите, и ќе успее да го убеди Брисел за што поскоро отворање на преговорите за пристапување.

Меѓутоа, според извештаите во албанските медиуми, и покрај надежите, се чини дека не беше прекината долгата традиција, на насилства, изборни измами и оспорувања на изборните резултати, што требаше да биде важен пресврт на патот кон членството во ЕУ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.