Алегри сака да го менаџира Вест Хем

Поранешниот тренер на седумкратниот европски клупски шампион Милан, Масимилиано Алегри, најверојатно на стартот од летниот преоден рок и официјално ќе биде претставен како нов менаџер на лондонскиот премиерлигаш Вест Хем.

Англиските медиуми пред неколку часа ја пласираа информацијата дека преговорите помеѓу раководните лица на Вест Хем и Алегри се во завршна фаза, а младиот италијански стручњак треба да потпише 3-годишен договор и истиот му гарантира годишна заработувачка од 2 мил. фунти.

Освен дека е заинтересиран за менаџерската функција, поранешниот предводник на Калјари веднаш ги информирал челниците на популарните “чекани” дека сака во новата сезона на располагање да ги има услугите на искусниот напаѓач на Милан, Алесандро Матри кој сезонава настапува како позајмен фудбалер во дресот на Фиорентина.