Директорот на Агенцијата за eнергетика избран за претседател на група експерти за енергетска ефикасност при ОН

 

На седмиот Меѓународен форум за енергетика за одржлив развој , коj од 18-ти до 21-ви октомври се одржа во Баку, Азербејџан, директорот на Агенцијата за енергетика на Република Македонија Александар Дуковски беше  избран за  Претседател на Групата на експерти на UNECE (Економска Комисија на Обединетите нации за Европа) за енергетска ефикасност и со неа ќе заседава следните две години во рамките на средбите и меѓународните форуми кои се одржуваат под покровителство на Обединетите Нации.

„Во следните две години не очекува активен период каде ќе треба да се фокусираме на намалување на енергетскиот интензитет во земјите од регионот, зголемување на енергетската ефикасност во индустријата и да ги дефинираме градежните стандарди кои ќе овозможат оптимално искористување на енергетските извори. Земјите од УНЕЦЕ регионот се различни по своите социо-економски и климатски услови, тоа е предизвик кој треба да ни дава мотив да изнајдеме соодветни енергетски политики кои ќе го поддржат одржливиот развој на секоја земја од регионот“, истакна Дуковски на неговото обраќање пред групата на експерти на UNECE веднаш по неговиот избор за Претседател.

На Форумот  организиран од страна на Владата на Азербејџан и Обединетите нации, присуствуваа над 300 меѓународни енергетски експерти, владини претставници, како и претставници од бизнис заедницата, финансискиот сектор, академските институции и граѓанското општество кои ги споделуваа своите перспективи за тоа како договорот од Париз за климатските промени и целите за одржлив развој можат да се спроведат. Во рамките на Форумот беа одржани и годишните седници на група на УНЕЦЕ на експерти за обновлива енергија и група на експерти за енергетска ефикасност, каде што директорот на Агенцијата за Енергетика Александар Дуковски беше избран за Претседател.

Целта на Седмиот Меѓународен форум за енергетика за одржлив развој е да се истражат насоките како да се постигнат националните обврски, како што се Национално Утврдените придонеси (INDC) за поддршка на остварување на целите за ублажување на климатските промени и нивно прилагодување според Договорот од Париз, вклучувајќи и инвестиции во обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност како начин за намалување на јаглеродниот интензитет од енергетскиот сектор.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.