„Александар Велики“ го чека милионитиот патник

Скопскиот аеродром „Александар Велики“ до крајот на годинава се стреми да да пречека еден милион патници, рекорд што минатата година не успеа да го достигне поради маглата во декември, која го парализира авиосообраќајот речиси цел месец, пишува „Дневник“.

Само во јули низ аеродромот поминале 132.227 патници, што е за 17,5 отсто повеќе од истиот месец лани. Од почетокот на годинава „Александар Велики“ имал 667.277 патници, односно има пораст од 19,9 отсто, покажува официјалната статистика.

Со тоа продолжува континуираниот пораст на бројот на патници на скопскиот аеродром од февруари. Единствен пад годинава имаше во јануари кога на „Александар Велики“ имаше 1,4 отсто патници помалку од истиот месец минатата година. Најголемо зголемување е регистрирано во април кога низ аеродромот поминале за 42 отсто повеќе лица отколку претходната година. Овој пораст најмногу се должи на неколкуте нови дестинации што беа воведени од Скопје, особено на тие од страна на нискобуџетските авиокомпании. Така, унгарската „Визер“ од април почна да лета и до Париз, Брисел и до Франкфурт.

Според статистиката на „ТАВ Македонија“, најпопуларни дестинации од двата македонски аеродрома се Истанбул, Виена, Цирих, Лондон и Малме.

Лани „Александар Велики“ беше на врвот на листата со аеродроми во поранешна Југославија според порастот на фреквентноста, односно на крајот од годината имаше 984.407 патници или пораст од 18,8 отсто во споредба со 2012 година, што беше втор најдобар резултат, пишува „Дневник“.