Александар Вучиќ доби мандат за формирање нова Влада на Србија

Српскиот претседател Томислав Николиќ денеска на актуелниот премиер и лидер на Српската напредна партија (СНС), Александар Вучиќ му го довери мандатот за формирање на нова Влада на Србија, јави Танјуг.

Николиќ соопшти дека решил да му го довери мандатот на Вучиќ, од како од него добил уверување дека има поддршка за формирање Влада од мнозинството пратеници во новиот состав на српското Собрание.

Српскиот претседател изјави дека на средбите со претставниците на партиите и коалициите кои обезбедија мандати во Парламентот на изборите на 24 април, само Вучиќ му презентирал програма за работа на идната влада и листа со нејзини приоритети.

– Сите останати дојдоа свесни за фактот дека СНС освои најмногу мандати и дека со право ќе бара мандат за формирање влада, рече Николиќ.

Тој нагласи дека во новата влада покрај коалицијата предвоидена од СНС ќе учествуваат и Сојузот на војводинските Унгарци (СВМ), како и „уште една партија“, но не посочи која, додавајќи дека тоа е прашање на кое треба да одговори оној кој ја составува владата.