Спорт

Александровски на тримесечна олимписка обука во Будимпешта

Александровски на тримесечна олимписка обука во Будимпешта

Претседателот на МОК Васил Тупурковски и селекторот и национален тренер на Мечувалечката федерација на Македонија Томи Александровски потпишаа договор за олимписка обука со која на македонскиот селектор му се овозможува три месечна олимписка обука по мечување која ќе се одржи во периодот од 16.март до 5.јуни 2015 година на Универзитетот за Физичко Образование, Семелвајз во Будимпешта (Унгарија).

Македонскиот олимписки комитет преку своите контакти со Меѓународниот олимписки комитет ја обезбеди во целост финансиската конструкција за оваа програма во износ од 13.000 американски долари.

Олимписката обука се реализира во координација со Мечувалечката федерација на Македонија и со Меѓународната мечувалечка федерација. Минатата година, Македонскиот олимписки комитет го испрати Томи Александровски на слична ваква обука (Рагуза, Италија) на која беа присутни најдобрите тренери од светското мечување.

Со испраќањето на Томи Александровски на оваа обука, МОК директно го помага развојот на мечувалечкиот спорт во Република Македонија, бидејќи покрај новите знаења кои ќе ги стекне македонскиот селектор, тој ќе има задолжение истите знаење, по неговото враќање во Македонија да ги пренесе на останатите тренери по мечување во нашата земја.

Со оваа акција, МОК, како небуџетска и невладина Олимписка институција, уште еднаш ги манифестира своите цврсти заложби преку конкретни проекти и програми, долгорочно и квалитетно да го унапредува врвниот спорт и на највисоко можно ниво да ги помага Националните спортски федерации во Република Македонија.