Алексеј Навални осуден условно на три и пол години затвор

Судот во Москва го осуди денеска остриот критичар на Кремљ, Алексеј Навални на условна казна затвор во траење од три и пол години, додека неговиот брат Олег добил затворска казна со исто траење, но не условна, поради наводна проневера на пари, објави МИА.

Навални, кој ги предводеше протестите против рускиот претседател Владимир Путин во 2011 и 2012 година ги повика пред судницата своите приврзаници да излезат на улица и да го урнат режимот на Путин.

Пресудата требаше да биде изречена следниот месец, но судот неочекувано вчера соопшти дека денеска ќе изрече пресуда, што предизвика шпекулации дека судот се одлучил на тој чекор за да се избегнат протестите, кои ги најавија неговите приврзаници.

– Не знам за ниту еден друг случај кога изрекувањето на пресудата е поместено за порано од планираното, изјави адвокатот на Навални, Олга Михаилова.

Навални, заедно со неговиот брат Олег е обвинет дека француската козметичка компанија „Ив Роше“ ја измамил за речиси 27 милиони рубљи (повеќе од половина милион долари), иако таа фирма тврди дека не претрпела никаква штета.

Обвинителството за Навални барало затворска казна од десет години.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.