Алексовска: Постојано вработување за над 8.000 лица

Речиси сите мерки од Оперативниот план за намалување на невработеноста за 2015 година што Владата го усвои пред речиси два месеци се во реализација. За дел од нив заинтересираните невработени лица и работодавачи може да аплицираат во текот на целата година се додека не се пополни потребниот број. Во фокусот на Оперативниот план се младите до 29 годишна возраст.

Оперативниот план ќе опфати 13 000 невработени лица, од кои 8000 илјади се очекува да добијат постојано вработување. Ги охрабрувам сите невработени лица да се пријаван на огласите кои ги опфаќаат речиси сите категории на граѓани, вели за Индекс Слободанка Алексовска, раководител на Центарот за вработување на Град Скопје.

Според Алексовска, во моментов се реализираат мерките за практиканство, обука кај познат работодавач, кредитирање на правни лица и невработени, како и самовработување со кредитирање.

– Ги повикувам и сите невработени лица од социјално ризичните категории да ги следат огласите за вработување или обука наменети конкретно за нив. Посебно за примателите на социјална помош, сакам да истакнам дека по завршување на обуката или пак доколку не бидат селектирани за постојано вработување нема да бидат во ситуација да ја изгубат социјалната помош, вели Алесовска за Индекс.

За новиот сет од мерки за вработување што пред неколку дена ги најави премиерот Груевски Алексовска вели дека се во процес на преточување во законски рамки, во најскоро време надлежните ќе информираат кога ќе стапат на сила и кога ќе може заинтересираните за кој се наменети и да аплицираат.

Ова е одлична можност која се носи на барање на компаниите и за работодавачите и за невработените, вели Алексовска.