Македонија

Алексовска: Врз туѓата мака СДСМ сака да собере политички поени

Алексовска: Врз туѓата мака СДСМ сака да собере политички поени

Советничката група на СДСМ денеска во градското собрание побара ребаланс на буџетот со цел околу 7 милиони евра да се пренаменат за санирање на штетите на граѓаните од поплавените подрачја во земјава.

Меѓу другото, освен за санација од нивна страна беше предложено овие пари да се искористат за изградба на брана на реката Отиња, за редовно чистење на коритото на Црна река, за изградба на микро акумулации и регулација на коритото на реката Вардар во полошкиот регион.

„Предлагаме средствата да се обезбедат од ставките за реконструкција на фасади, подготвување проекти за објекти, фасади, субвенции за ЈП Паркови и зеленила и набавка на карузел, изјави советникот Дамјан Манлевски, координатор на СДСМ.

Од друга страна координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Слободанка Алексовска посочи дека Скопје бил и секогаш ќе биде град на солидарноста и секогаш им помагал на граѓаните особено во услови на природни катастрофи, како што се работи во случајов.

Зачудена од барањата на опозициските советници, бидејќи на минатата вонредна седница сите едногласно се договорија градот да донира 50 илјади евра за поплавените подрачја, таа изјави дека СДСМ секогаш сака врз туѓата мака да собира политички поени.

Сепак остави отворена можност за дополнителна помош од Градот, меѓутоа не на овој начин преку ребаланс на буџетот.