Палестинците против Ѕидот на плачот да остане во Израел

Високиот функционер на палестинската влада Набил Абу Ридејна, го отфрли американскиот повик Ѕидот на плачот во Стариот град во Ерусалим да остане под израелска контрола.

„Палестинците нема да прифатат никакви промени на границите на Источен Ерусалим од 1967 година“, изјави за агенцијата WAFA, палестинскиот владин функционер Набил Абу Ридејна.

„Овој американски став повторно покажува дека актуелната американска администрација е сосема надвор од мировниот процес“, изјави Рудејна, додавајќи дека тоа би ја „консолидирало окупацијата“.

Висок американски функционер изјави дека Ѕидот на плачот ќе остане под израелска контрола дури и по евентуалниот мировен договор меѓу Израелците и Палестинците, коишто сакаат Ерусалим да биде главен град на нивните држави.

„Не можеме за замислиме ситуација во којашто Ѕидот на плачот не би бил дел од Израел“, рече за американските медиуми функционер во пресрет на посетата на американскиот потпретседател Мајк Пенс на регионот. Пенс во вторник тргнува на посети на Египет, Израел и Германија.

Ѕидот на плачот, останки од западниот ѕид на Вториот храм, е свето место за многу Евреи и е дел од пошироката зона којашто е во центарот на религиозните тензии, а која Евреите ја нарекуваат Ридот на храмот а муслиманите Плато на џамиите.

Палестинското движење Фатах, на претседателот Мухамед Абас, повика во саботата во Ерусалим во среда да се организира протест поради посетата на Пенс на Светиот град. Американскиот потпретседател го откажа палестинскиот дел на посетат, бидејќи Абас одби да го прими поради одлуката на претседателот Доналд Трамп да ја ефектуира одлуката за признавањето на Ерусалим како главен град на Израел.