„Алфа“: Фрустрациите од апстиненција од власт и одмагаат на опозицијата

Зошто опозицијата е таму каде што е и кои се причините што рејзтинзите на партиите во Македонија се повеќе од зацеменирани веќе подолг период? Познавачите на состојбите, причините ги гледаат во фрустрациите од апстиненцијата од власт на опозицијата, анализра Алфа.

Жестока критика на речиси сите владини мерки,најчесто без алтернатива.Популизам и бранење на националните интереси наместо јасна стратегија. Вака дел од политичките аналитичари го објаснуваат делувањето на опозицијата во македонскиот и албанскиот политички блок во услови на зацементиран рејтинг на владеачките ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Универзитетскиот професор Здравко Савески во изјава за Радио Слободна Европа вели дека во редовите на опозицијата се чувствува фрустрацијата од тоа што не може да се врати на власт подолго време.

“СДСМ едноставно погрешно ја таргетира критиката кон власта, ограничувајќи се, како да се либерална партија, само на критика на недемократските практики на власта и кршењето на владеењето на правото како принцип. ДПА себе си постојано се профилира како порадикален бранител на интересите на албанските граѓани во Македонија, но се гледа дека тоа нема ефект соочени со ситуација кога ДУИ ги контролира гласачите преку работните места, слично како и ВМРО-ДПМНЕ”, вели Савески.

Според политичкиот аналитичар Александар Кржаловски во двата блока може да се забележи трендот кој го наметна ВМРО-ДПМНЕ со програми врз основа на кои се привлекуваат гласачите. Во програмата на ДПА според него почнуваат да бидат застапени и економски, а не само национални прашања. Сепак предноста во позицијата која ја има ВМРО-ДПМНЕ со тоа колку од ветените мерки се реализирани, сеопфатноста на програмата и користењето и на идеите на опозицијата се дел од причините поради кои владеачката партија се уште ужива највисок рејтинг.

“Кога ќе ги погледнете програмите, квалитетот, обемноста, што во нив се нуди и што од тоа е реализирано, сигурно се дел од причините за постоечкиот рејтинг. Луѓето се раководат според тоа што веќе е направено. Тука е предноста на ВМРО-ДПМНЕ”, смета Кржаловски.

Според последната анкета на Меѓународниот Републикански Институт (ИРИ) доколку утре се одржат парламентарни избори за ВМРО-ДПМНЕ би гласале 29 проценти од граѓаните, за СДСМ 10. ДУИ би имал поддршка од 13 , а ДПА од 3 отсто од гласачите.