Алфа: Горан Мицковски- нов министер во македонската Влада

Нов министер за странски инвестиции во Владата на Република Македонија ќе биде Горан Мицковски, објави телевизија Алфа.

Повикувајќи се на свои извори, телевизијата во вестите откри дека Мицковски е финансиски експерт со долгогодишно меѓународно искуство. Работел на високи позиции во големи меѓународни банки.

На новата функција ќе дојде од Лондон каде во моментов е ангажиран во Credit Suisse AG како консултант за инвестициско банкарство и стратегиски трансакции. Претходно работел во Sidley Austin LLP, The Royal bank of Scotland и уште неколку британски и автралиски банки.

Како што јавува Алфа, Мицковски има дипломирано на Правниот факултет во Скопје, а диплома зел и од Мелбурн Австралија.

Новиот министер зборува неколку јазици и има неколку државјанства.

Со неговото назначување, владејачката ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш ја продолжи традицијата за ангажирање на непартиски кадри кои се докажале во своите сектори.

Ова е првото име за кое Алфа дефинитивно доби потврда дека ќе биде дел од новата Влада.

Составот во останатите кабинети, како и распределбата на фотелјите меѓу коалициските партнери засега останува на ниво на шпекулации. Другите министри ќе бидат обелоденети викендов. На 8 јуни истекува законскиот рок во кој мандатарот Никола Груевски треба да го достави предлогот за новата Влада до Собранието.