„Алфа“: Терористите на Надрецај располагале со воено софистицирано оружје

Групата на Мирсад Надрецај, алијас командант НАТО, била опремена за долготрајно војување, од лесно пешадиско оружје до снајпери, митралези, фрлачи на гранати, јавува денес телевизија „Алфа“.

Телевизијата нагласува дека арсеналот оружје запленет од страна на специјалците по разбивањето на терористичкото упориште, во кумановската населба „Тоде Мендол“  бил предаден на вештачење во МВР.

– Поголемиот дел од оружјето – неколку снајпери, автоматски пушки, пушкомитралез, рачни бомби, рачни ракетни фрлачи, фрлачи на гранати го поминаа „филтерот“ на балистичарите. Запленетите експлозивни средства биле уништени веднаш откако крим-техника завршиле со увидот, небезбедно било да се транспортираат, вели извор од истрагата за телевизија Алфа.

Освен бомби F1 и M75 од кинеско и југословенско потекло, две зољи и полнење за RPG, уништени се 8 гранати за рачен фрлач од кои 4 „Аркус“ и 4 „Кастро“ со калибар 40mm.

Со вакви гранати беше извршен и нападот на Владата и тоа во два наврати, но засега од МВР не коментираат дали зад тоа стои групата на Надрецај.

Специјалците заплениле неколку снајпери M76, калибар 7,9 mm од југословенско потекло, имало и од амеркинско потекло R.A.P. калибар 12,7 х 99 mm. Пушка  „Шмит – Рубин“ калибар 7,5х 55mm со оптички нишан и конус. HMH – репетирачка пушка со оптички нишан, неколку автоматски пушки со оптички нишан и тромблонски додаток од албанско потекло, автоматски пушки со бајонети од аlбанско потекло, пушки M 70, автомати со  албанско, кинеско потекло и на „Застава Крагуевац“. Пушкомитралез  М84 со три дела со реденици муниција и друго оружје.

Како што може да се забележи и од самото оружје терористите имале големо искуство и во ракување со него од претходно. Тие дошле во Куманово според претходно добро разработен план, а куќите што ги одбрале за да дејствуваат според  воени правила, се наоѓаат на стратешко место, од каде ги  контролирале приодите кон нивното упориште.

Во битката со терористите во Куманово  беше ликвидиран водачот на групата Надрецај и уште 9 други терористи главно од Косово. Специјалците уапсија 28 припадници на екстремистичката група.