Алфа: Васко Наумовски е новиот македонски преговарач за името

Васко Наумовски е новиот македонски преговарач за името, објави ТВ Алфа од високи извори во преговарачкиот процес. Наумовски бил назначен на новата функција на денешната седница на Влада, а информацијата ја потврдија и од Кабинетот на претседателот Иванов.

Наумовски, кој е новиот македонски амбасадор во САД, ја презема функцијата од десегашниот преговарач и ексамбасадор во Вашингтон, Зоран Јолевски кој е вршител на должноста министер за одбрана во Владата на РМ.

Васко Наумовски со ова станува четвртиот преговарач за името во досегашната историја на преговорите. Втор кој паралелно ќе ја врши амбасадорската функција во САД, и како преговарач за името. Прв македонски преговарач беше Иван Вања Тошевски, следуваше Никола Димитров и Зоран Јолевски како претходник на Наумовски.

Наумовски е познат како поранешен вицепремиер за евроинтеграции, должност која ја вршеше во периодот на седмата Влада на РМ, во периодот од 2009 до 2011-та година.

Неговото назначување доаѓа пред најавената посета на медијаторот Метју Нимиц, најавена за крајот на јули.