Алкалоид убедлив и против Чедлтон

Македонскиот шаховски првак Алкалоид забележа уште една висока победа на Европскиот клупски куп што се одржува во Нови Сад.

„Фармацевтите“ во 3.коло го совладаа англискиот тим Чедлтон со 5,5:0,5 и со максимални три победи остануваат со шанси за највисок пласман.

Со исклучок на Дмитри Андрејкин кој ремизираше на првата табла, другите пет играчи на Алкалоид, Павел Елјанов, Дмитри Јаковенко, Јангји Ју, Јуриј Криворучко и Филип Панчевски освоија цел поен.

Вториот македонски претставник на ова натпреварување, тимот на Гамбит Асеко минимално со 3,5:2,5 загуби од Дунајска Стреда.

Во дербито на колото екипата на Свети Николај Српски оствари минимална но, многу вредна победа против италијанскиот тим Обиетиво Ризарименто. Голема заслуга за оваа победа има поранешниот член на Алкалоид Шахриар Мамедијаров, кој што оствари победа на првата табла.

Во четвртото коло Алкалоид за противник ќе ја има екипата на Жигули, додека Гамбит Асеко ќе игра со Тамер-Шаки.

По три рунди Алкалоид е во групата на пет екипи со максимални шест бода, а Гамбит Асеко има три бода и се наоѓа на 29.место.