„Алкалоид“ со зголемен извоз, приходи и добивка

Фармацевтската компанија „Алкалоид“ за периодот јануари – декември 2016 оствари позитивни финансиски резултати искажани во неревидираните единечен и консолидиран Биланс на успех, соопшти компанијата преку Македонската берза.

Како што соопшти компанијата, во текот на 2016 година покрај производството зголемени се и извозот, приходите и добивката.

Остварените единечни вкупни приходи во периодот јануари – декември 2016 година изнесуваат 6,692 милијарди денари и во споредба со остварените во истиот период во 2015 година бележат пораст од 5 отсто.

„Во структурата на вкупните приходи најголемо учество, 96 отсто, имаат приходите остварени со продажба на производи и услуги кои во споредба со остварените во 2015 година бележат пораст од 7 отсто“ стои во соопштението.

Остварените консолидирани вкупни приходи во овој период изнесуваат 8,594 милијарди денари и во споредба со остварените во истиот период во 2015 година бележат пораст од 4 отсто.

Во структурата на вкупните приходи најголемо учество, 96 отсто, имаат приходите остварени со продажба на производи и услуги кои во споредба со остварените во 2015 година бележат пораст од 6 отсто.

Остварените единечни вкупни расходи во периодот јануари – декември 2016 година изнесуваат 5,914 милијарди денари и во споредба со остварените во истиот период во 2015 година бележат пораст од 5 отсто.

„Остварените консолидирани вкупни расходи во периодот јануари – декември 2016 година изнесуваат 7,752 милијарди денари и во споредба со остварените во истиот период во 2015 година бележат пораст од 4 отсто“, стои во соопштението.

Од вкупните консолидирани продажби, 60 отсто се остварени на странски пазари. Најголем пораст кај извозните пазари е остварен во следните земји: САД раст од 30 отсто, Русија раст од 15 отсто, Романија раст од 63 отсто, Словенија раст од 13 отсто, Полска раст од 141 отсто, В.Британија раст од 125 отсто, Унгарија раст од 135 отсто, Турција раст од 72 отсто, Чешка раст од 122 отсто, Албанија раст од 47 отсто…

Остварената единечна нето добивка во 2016 година изнесува 704 милиони денари и во споредба со остварената во 2015 година бележи зголемување за 9 отсто.

Остварената консолидирана нето добивка во 2016 година изнесува 732 милиони денари и во споредба со остварената во 2015 година бележи зголемување за 10 отсто.