Алкохолизиран моторист нападнал полицаец

При обид да биде легитимиран од полициски службеник при вршење увид во сообраќаен инцидент, возач на скутер кој бил очигледно алкохолизиран, пркосно извадил пивско шише и продолжил да пие а по предупредувањето се обидел да го нападне полицаецот.

Вечерта во петокот, околу 21 часот, на магистралниот пат Битола – Прилеп во кругт на бензинска пумпа при вршење на увид на сообраќајна несреќа меѓу две возила и моторцикл (скутер), униформиран припадник од СВР Битола при обид да го легитимира возачот на мотоциклот, кој бил видно под дејство на алкохол, тој  го подигнал седиштето од мотоциклот и од багажниот простор извадил стаклено пивско шише и почнал да конзумира пијалок, соопшти во саботата Министерството за внатрешни работи.

По предупредувањето од полицаецот да престане со консумацијата, бидејќи е учесник во сообраќајна несреќа, возачот почнал да упатува погрдни зборови и да го навредува и се обидел со шишето да го удри полицаецот, кој успеал да го одбегне ударот по што го фатил за рака, но тој продолжил со нападот.

Полицискиот службеник успеал да го совлада и задржи до доаѓањето на други полициски службеници, по што бил приведен во полицска станица. Утврдено било дека се работи за 32-годишниот П.Н. од Прилеп.

Од нападот полицаецот се здобил со телесни повреди, односно набиеници на десен лакт и десното колено, констатирани во Клиничката болица во Битола. По целосно расчистување и документирање на настанот, против приведениот  ќе биде поднесен соодветен поднесок.