Спорт

Алонсо сепак нема да го гледаме во Австралија

Алонсо сепак нема да го гледаме во Австралија

Поранешниот двоен светски првак во Формула 1, Фернандо Алонсо ќе го приопушти стартот на новата сезона во „октанскиот циркус“, закажан за 15 март во Австралија, по советите на лекарите да мирува, откако неодамна имаше сериозен инцидент за време на тест возењата во Барселона.

Шпанецот мина три ноќи во болница, откако со голема брзина на третиот свиок завршил во ѕидот на патеката и итно бил префрлен во болница. Голема прашина се дигна околу инцидентот, Мекларен, чиј возач е од оваа сезона, демантираше дека струен удар го предизвикал инцидентот и дека ветерот во тој дел од патеката бил причина за судирот.

Лекарите го советувале Алонсо да го скокне стартот и да почека уште две недели, за да избегне ризик. Алонсо на тестовите немал никакви повреди, но од претпазливост дошла препораката.

„Фернандо доби препорака од лекарите, по инцидентот во Барселона, да не се трка на стартот на сезоната на австралиското гран-при, закажано за викендот од 13 до 15 март. Според лекарите, Алонсо не треба да ризикува влоѓување на состојбата и за да се минимизира таквата состојба, потребно е да мирува“, објавија во соопштение од таборот на Шпанецот.

Резервниот возач Кевин Магнусен, кого Алонсо во декември го замени во Мекларен, ќе вози на отварањето. Алонсо би требало да се појави на трката во Малезија.

Извор: Спортмедиа