Алжирецот осомничен за нападот врз француските војници непознат за разузнавањето

Алжирскиот државјанин осомничен за влетувањето со возило во воена патрола во париско предградие при што повреди шест војници, не ѝ е познат на француската разузнавачка агенција и нема полициско досие, изјави во четвртокот полициски извор.

Инспекторите во средата доцна ноќта извршиле претрес на неколку адреси истражувајќи го 36-годишниот осомничен кога полицијата го пресретнала на автопатот 260 километри северно од француската престолнина Париз откако со автомобилот се залетал во воената патрола во предградието Леваљос.

Инцидентот бил „моментален чин“, изјави францускиот министер за внатрешни работи Жерар Коломб, и извести дека е отворена антитерористичка истрага.

Осомничениот е идентификуван како Хаму (Башир) Бенлатреш и неговото име не се наоѓа на листата лица поврзани со радикалниот ислам, изјави полициски извор за AFP.

„Кога осомничениот е на листата, ние тоа веднаш го знаеме. Во овој случај не ни се дадени никакви сигнали дека тој е на списокот“, рекол неименуваниот соговорник.

Чичкото на Бенлатреш е шокиран од веста за апсењето на внукот кој го опишал како побожен муслиман. „Не можам да верувам. Тоа целосно не вџаши“, изјавил Мохамед Бенлатрепш за телевизијата BFM TV.

Нападот се случи во осум часот утрото кога возач на автомобил БМВ паркиран во споредна улица го стратувал возилото и се залетал меѓу војниците кои тргнале во патролирање и шестмина повреди, од кои три тешко.

Војниците се учесници во операцијата „Сентинел“, како што се нарекуваат воени пешачки патролирања низ француската метропола воведени по низата терористички напади последните две години. Нападот во средата беше шестиот врз војници во споменатата операција и ја поттикна полемиката за нејзината оправданост, имајќи го предвид намалувањето на буџетот за војската.

„Сето што операцијата го даде е тоа што Даеш (арапска кратенка за ултрарадикалната сунитска групација Исламска држава) одредила јасни цели“, смета Винсент Деспортес, поранешен директор на Француската воена школа.

Поборниците на операцијата Сентинел, којашто чини стотици милиони евра годишно, истакнуваат дека таа одвраќа од напади и им осигурува поголем мир на француските граѓани и за туристите.

Жак Беси, претседател на Здружението за одбрана на војничките права, признава дека оваа операција претставува финансиско оптоварување, но истакнува дека е „важна“ но дека треба нејзиното тежиште да се стави на приоритетните области како што се „железничките станици, туристичките локации и храмовите“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.