Амбасадата на САД во Анкара во понеделникот затворена поради безбедност

Американската амбасада во турската престолнина Анкара ќе биде затврена поради безбедносна закана и само ќе дава итни услуги.

Амбасадата им советуваше на американските државјани во Турција да ги избегнуваат масовните собири и зградата на амбасадата и да бидат свесни за својата безбедност кога ги посетуваат популарните туристички места со многу посетители.

Меѓутоа, не се појаснува каква безбедносна закана довела до одлуката за затворањето на амбасадата.

Интервјуата за издавање визи и другите рутински работи се откажани, се додава во соопштението, со забелешка дека ќе биде дополнително објавено кога повторно ќе работи.

 

Во меѓувреме, локалните власти на Анкара соопштија дека во целиот град се зајакнати безбедносните мерки за да се спречат евентуални терористички напади.

Турските медиуми јавуваат дека градски власти добиле сигнал од Американската амбасада во Анкара за можни терористички напади врз службеници на Амбасадата или Американци кои живеат во главниот град на Турција.

Курдската работничка партија и „Исламска држава“ во 2015 и 2016 година извршија неколку терористички напади во Анкара, во кои загинаа многу војници, и многумина беа повредени. Турските медиуми потсетуваат дека минатата година во Анкара немало такви инциденти.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.