Амбасадорите повикаа на воздржување од насилство

Амбасадорите на САД, Франција, Италија, Обединетото кралство, Германија и ЕУ по денешната средба со премиерот Никола Грувски повикаа на воздржување од насилство и изразија сочувство за загинатите припадници на МВР.

Американскиот амбасадор Џес Бејли, во изјавата дадена од името на сите амбасадори, подвлече дека тие ја поздравуваат иницијативата на претседателот на државата да се сретне со лидерите на сите политички партии и повикаа на воздржаност во врска со трагедијата изминатиов викенд, како и да се покаже смиреност во какво било групно собирање во следниве недели.

-Го повторуваме нашиот апел до сите страни да се воздржат од насилство. Нивното остварување на демократското право и отфрлањето на агресивните акти без разлика кон припадници на полицијата или демонстрантите, е соодветно оддавање почит на храброста и жртвата на оние кои ги дадоа животите во служба на народот на Македонија, рече Бејли.