четврток, 8 декември 2016  |  Вести денес: 0

Амбасадорот Јанакакис на средба со Иванов

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов денеска го прими шефот на Канцеларијата за врски на Република Грција во Република Македонија, Димитрис Јанакакис.

Поврзани вести

Иванов, како што соопшти неговиот кабинет, на амбасадорот Јанакакис му посакал добредојде и успех во вршењето на функцијата, воедно изразувајќи уверување дека со неговиот ангажман ќе придонесе во натамошното унапредување на билатералните односи меѓу двете земји.

Претседателот Иванов го поздравил интензивирањето на дијалогот на министерско ниво и напорите на двете земји за забрзување на процесот на имплементација на мерките за градење доверба.

– Неопходно е да ги збогатуваме и да внесуваме нова содржина во билатералната соработка, која недвосмислено помага во создавањето на позитивен амбиент. Истото се однесува и на позитивниот тренд во политичкиот дијалог кој во наредниот период треба да го одржуваме и збогатуваме на сите нивоа, истакнал Иванов.

Во тој контекст, македонскиот претседател ја нагласил потребата од продлабочувањето на економската соработка и усогласување и унапредување на правната рамка, како и потребата за натамошно инфраструктурно и енергетско поврзување, ревитализација на железничката мрежа и отворање на нови гранични премини.

Двајцата соговорници размениле мислење за можни проекти, чија реализација преку билатералната или регионалната соработка, би биле од интерес на нашиот регион.

Најчитани вести