Американец набљудувач на ОБСЕ загина во Украина, ранети Чех и Германец

( © Валентин Спринчак/ТАСС)

Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) објави дека во неделата загинал нејзин набљудувач, американски државјанин, во експлозија на нагазна мина на истокот од Украина, додека ранети се Чех и Германец.

Станува збор за првата жртва на Специјалната набљудувачка мисија на ОБСЕ во Украина, откако таа беше распоредена пред три години во регионот да го надгледува почитувањето на мировниот договор.

„Во експлозијата е убиен член на патрола на ОБСЕ, државјанин на САД“, изјави заменикот на шефот на мисијата во Украина, Алескандер Хуг на прес-конференцијата во Киев.

Другите двајца набљудувачи, Чех и Германец, ранети се во истата експлозија и се хоспитализирани, прецизирал. Нивните идентитети, како и на жртвата не се објавени.

Австрискиот министер за надворешни работи кој во моментов е и извршен директор на ОБСЕ, Себастијан Курц, побара темелна истрага и уверува дека одговорните ќе бидат испитани.

Украинскиот претседател Петро Порошенко изрази сочувство на семејството на жртвата и вети дека тоа „злосторство ќе биде расветлено, а одговорните казнети“.

Шефот на германската дипломатија Зигмар Габриел изјави дека се случило „она од што со години стравуваме“, и нападите ги нарече неприфатливи. Неговата канцеларка Ангела Меркел, пак, ги повика судрените страни да преземат сé за да се открие што го предизвикало трагичниот инцидент и кој е одговорен за тоа.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.