Американец планирал напад врз Капитол, инспирирн од џихадистите

Американското Федерално истражно биро (ФБИ) уапси еден Американец поради сомнеж дека планирал напад врз Капитол во Вашингтон, инспириран од терористичките напади на џихадистите од групата Исламска држава (ИД), пренесува МИА.

Полицијата се заинтересирала за Кристофер Корнел од Синсинати во американската сојузна држава Охајо, откако тој на интернет изразувал силна поддршка на исламските милитантни екстремистички групи, како што е ИД.

Но, истрагата против него е проширена откако полицијата почнала да добива податоци и сознанија за него од еден „информатор“, кој бил близок со уапсениот и кој има обезбеден имунитет.

Тој помагал во полициската истрага од самиот почеток, па полицијата од него дознала дека Корнел немал директна комуникација со џихадистите од ИД, како и дека со нив не договорал извршување терористички напад во САД.

Самиот Корнел, меѓутоа, се фалел дека ќе организира „џихад“ на американска територија, врз „налог“ што ќе си го издаде самиот на себе.

Од „информаторот“ на полицијата, Корнел барал да му помогне во обезбедувањето бомби и оружје, не споменувајќи што треба да биде цел на терористичкиот напад.

Дури подоцна, тој му открил дека ќе патува во Вашингтон и дека ќе го нападне Капитол, убивајќи ги вработените и функционерите кои ќе се затекнат таму.

Полицијата го уапсила во моментот кога купил две полуавтоматски пушки и 600 куршуми.

Апсењето уследило по долгото следење од прикриени детективи на ФБИ.

Претставник на полицијата во градот Синсинати изјави дека Корнел во ниту еден момент не претставувал закана за пошироката јавност.


World News Videos | ABC World News