Американките “седнаа” на тронот

Селекцијата на Соединетите Американски Држави повторно се искачи на светскиот трон, откако во финалето на мундијалот во Канада ја совлада Јапонија со убедливи 5:2.

Американките тргнаа фуриозно од самиот старт и по 16 минути поведоа со 4:0, период во кој феноменална беше Карли Лојд со три погодоци од кои последниот дури беше од половина терен. Надежта на Јапонките ја врати Огими во 27 минута за да веќе на стартот на вториот дел биде и 4:2 по автоголот на Џонстон (52 мин).
За да нема никакви дилеми се погрижи Хит која прецизно биеше во 54 минута со што и го постави конечниот резултат на дуелот во Ванкувер.

Ова за Американките е прва светска титула по пауза од 16 години, трета во нивната историја, а воедно им се осветија на Јапонките за поразот од пред четири години.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.