Македонија,Економија

Американска и француска компанија ќе инкасираат 3,5 милиони евра за надзор во изградбата на патот Градско-Дреново

Американска и француска компанија ќе инкасираат 3,5 милиони евра за надзор во изградбата на патот Градско-Дреново

Американската компанија „Хил Интернешнал“, глобален лидер во управувањето со градежни ризици, објави вчера дека заеднички со француската компанијата „Егис Интернационал“ склучиле договор со Владата на Република Македонија за да обезбедат услуги за надзор во градежните работи за секцијата Градско-клучка Дреново од патниот коридор 10-Д. Договорот е во времетраење од 50 месеци и е со вредност од околу 3,57 милиони евра (4,19 милиони американски долари).

Проектот предвидува изградба на нов експресен пат со должина од 15,5 километри. Според планираното, треба да се изградат пет нови вијадукти, долги од 70 до 200 метри, две клучки, четири подвозници, четири надвозници, цевки за одводнување, поставување на сообраќајни знаци и означување на патот.

ПЈР Македонија е меѓу првите земји од западен Балкан која доби статус на земја кандидат за пристап во Еворпската унија, со што привлече големи инвестиции од Унијата и од банките. Непосредниот ефект имаше голема потреба од политичка трансформација и реформи. „Хил Интернешнал“ ги поддржува напорите на владата за подигнување на инфраструктурата во земјата на ниво на европските стандарди. Нашето регионално искуство се базира на соработката со други членки на Европската унија, како Романија, Хрватска и Бугарија. Очекуваме ваков вид на договори да следат и други во блиска иднина, со што би се зацврстила позиција на „Хил Интернешнал“ како лидер во тој регион, рекол Панајотис Метенидис директор за Балканот на американската компанија.

„Хил Интернешнал“ вработува повеќе од 3.000 лица, стручен кадар и персонал за поддршка, во над 50 канцеларии низ светот. Компанијата обезбедува управување со проекти, управување со изградба и други консултантски услуги за клиентите во различни сектори на пазарот. Според неодамнешното рангирање на американскиот магазин „News-Record“, кој обработува теми од градежништвото, „Хил Интернешнал“ е осма најголема фирма за управување во градежништво во САД.

Од Министерството за трансспорт и врски посочија дека експресниот пат од Градско до Прилеп ќе се гради во три фази. За првите две веќе е избран и изведувач.

Првата фаза, која го опфаќа патот Градско – Дреново, ќе го гради италијaнската компанија „Скави“. Изградбата треба да почне до крајот на годината, а вредноста на договорот е 23 милиони евра.

Втората фаза, која е веќе почната, ја опфаќа изградбата на трасата Фаришка-Дреновска клисура, и чини 31,4 милиони евра. Градежните работи ги врши шпанската компанија „Рубау“.

Од Тројаци кон Прилеп, односно третата фаза од новиот експресен пат, предвидува всушност проширување на постоечкиот пат. За овој дел, се’ уште нема ни проект, а се очекува процедурата да почне следната година. За третата фаза од Тројаци до Плетвар, вклучувајќи го и влезот во Прилеп, обезбедени се шест милиони евра грант од Европската Унија.

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, неодамна изјви дека се обезбедени 70 милиони евра за целосно завршување на експресниот пат Прилеп – Градско, кој ќе биде од особено значење за жителите од пелагонискиот регион, затоа што ќе биде квалитетна врска со Коридорот 10 -Д. Патот треба да биде завршен до 2020 година.