Американската агенција за национална безбедност ќе прислушува кога сака и колку сака

Американскиот Сенат го блокирал предлог законот, кој би ставил крај на масовното прислушување на телефони од страна на Агенцијата за национална безбедност, објави новинската агенција „Асошиејтед Прес“, пренесува Нетпрес.

Предлог законот беше поддржан од невообичаена коалиција од демократи и конзервативни републиканци, загрижени за неприкосновеноста на личната приватност на Американците, но тие сепак не успеаа да ги обезбедат неопходните 60 гласа за поддршка.

Гласањето ја отслика големата поделеност меѓу двете партии – повеќето демократи застанаа зад предлог законот, а повеќето републиканци гласаа против.

Повикувајќи се на неименувани високи партиски функционери од редовите на републиканците, новинската агенција „Ројтерс“, пак, објавува дека од овој закон корист би виделе само непријателите на САД, вклучително и џихадистите од „Исламска Држава“.

Белата куќа ја поддржа мерката, категорично отфрлувајќи ги тврдењата дека тој ќе им оди во прилог на терористичките групи.

Сепак, многу мала е веројатноста дека законот во иднина ќе биде усвоен, бидејќи републиканците од први јануари, 2015 година, ќе имаат мнозинство во Сенатот.

Инаку, тоа е прва законодавна мерка, разгледана од Сенатот, во врска со правото на лична приватност. Целата работа беше иницирана по скандалозните откритија од страна на поранешниот припадник на Агенцијата за национална безбедност, Едвард Сноуден, дека американското разузнавање кога сака и колку сака собира и обезбедува огромно количество на комуникациски податоци.

Предлог законот предвидува Агенцијата за национална безбедност да бара одобрување од комуникациските компании, ако сака да користи податоци за одредено лице, кога врши истраги и следења во случаи на тероризам, наместо да го прави тоа самоиницијативно и неограничено.