Свет

Американската армија ненамерно транспортирала жив примерок на антракс

Американската армија ненамерно транспортирала жив примерок на антракс

Американската армија ненамерно транспортирала најмалку еден примерок на жив бацил антракс во една комерцијална лабораторија во Мериленд, САД, но во тој инцидент нема никаква опасност по јавното здравје, јавија денеска американски службеници.

Лабораторијата на Министерството за одбрана во сојузната држава Јута, по пропуст транспортирала примерок на антракс, а здравствените власти се уште ги тестираат останатите примероци кои армијата ги доставила во девет други држави, изјави портпаролот на Пентагон полковник Стивен Ворен.

– Не постои опасност за граѓаните и не постојат сомнителни или потврдени случаи на зараза со антракс, ниту потенцијална изложеност на лабораториските работници на антракс, истакна тој, пренесува МИА.

Според сооштението на американските власти, примерокот на жив антракс е откриен во комерцијална лабораторија на 22 мај, годинава, по што се информирани останатите лаборатории. Најмалку девет други владини и комерцијални лаборатории во девет американски држави добиле примероци на антракс од армијата, а властите работата на утврдување дали се транспортирани и други живи бацили.

Американската армија соопшти дека жив примерок на антракс е пренесен и во една воена база во Јужна Кореја, по што медицинска помош е пружена на 22 американски војници, поради можна изложеност на вирусот.

Примерокот на антракс е уништен вчера, поради што постои сомнеж дека станува збор за жив примерок, кој требал да биде неутрализиран, бидејќи бил наменет за лабораториска воена вежба, во американската воена база во јужнокорејскиот град Осан, на 35 километри од Сеул.

Никој од војниците кои биле во контакт со примерокот, не покажале знаци на изложеност на опасната бактерија, се наведувa во соопштението. Од базата е соопштено дека нема опасност за пошироката околина, бидејќи примерокот е користен во лабораториски услови во самостоен објект во базата.

Ворен нагласи дека Пентагон има помош од Центарот за контрола и превенција на болести, што го истражува инцидентот. Лабораторијата на министерството за одбрана рутински ги пренесува „мртвите“ примероци на антракс кои се неутрализирани со радијација, за научни истражувања.

Антракс е еден од агенсите што може да се користи за биотероризам, бидејќи од него може да заболат и умрат голем број жители, ако се користи како биолошко оружје. Во септември 2001 година преку пошта на неколку локации во САД е доставен антракс, по што заболеа 22 лица, а петмина од нив починаа.