Свет

Американската делегација пристигна во Израел на отворањето на амбасадата во Ерусалим

Американската делегација пристигна во Израел на отворањето на амбасадата во Ерусалим

Ќерката на американскиот претседател Иванка Трамп, нејзиниот сопруг Џаред Кушнер и министерот за финансии Стивен Мначин, слетаа во неделата во Израел како дел од американската делегација којашто ќе присуствува на отворањето на амбасадата на САД во Ерусалим во понеделник.

Делегацијата со виски државни почести ја пречека американскиот амбасадор во Израел, Давид Фридман на аеродромот во Тел Авив, според видео снимките објавени на профилот на Twitter.

Американската амбасада во Ерусалим, што значи и признавање на овој град за израелска престолнина спротивно на резолуциите на ОН, се совпаѓа со одбележувањето на 70-годишнината од основањето на Државата Израел. Настанот се случува откако во декември американскиот претседател Доналд Трамп и покрај досегашната дипломатска практика на неговите претходници го потпиша законот со кој се признава Ерусалим за израелски главен град и одлуката за преселување на амбасадата од Тел Авив во Ерусалим, што поттикна меѓународна осуда и палестински протести.

Палестинците сакаат источен Ерусалим, кој меѓународната заедница го смета за палестинска територија окупирана од Израел во војната од 1967 година да биде престолнина на нивната идна држава. Тие планираат масовни протести во понеделник на границата меѓу енклавата Појасот Газа и Израел, додека израелските власти и населението ја слават одлуката на Трамп како победа.

Во неделата вечерта израелскиот министер за надворешни работи одржа свечен прием на кој ѝ посака добредојде на американската делегација. Во изјавата дадена по тој повод, Мначин рече дека Трамп сакал да го исполни „неисполнетото“ ветување на поранешните претседатели за преселувањето на амбасадата.

Покрај САД, на свеченоста присуствување и претставници на 32 земји, меѓу кои и четири од Европската унија: Австрија, Чешка, Унгарија и Романија.