Американската компанија Леар објави инвестиција во Македонија

Корпорацијата ЛЕАР, водечкиот глобален добавувач на автомобилски седишта и системи за електрична дистрибуција, денес ги објави своите планови да отвори нова фабрика во Македонија во која ќе бидат ангажирани околу 2.000 работници од кои 300 до крајот на оваа година во браунфилд капацитетот на компанијата.

Со изградбата на гринфилд капацитетот ќе бидат вработени 2.000 лица во фабриката за производство на автомобилски навлаки за седишта во Гостивар.

За потребите на сите големи европски автомобилски производители, новиот објект на Леар првично ќе вработи околу 300 луѓе, со познавања за кроење и шиење на кожа и ткаенина. Се очекува и натамошна експанзија.

-Со континуираниот успех на Леар во вертикално интегрираните автомобилски системи за седишта и компоненти, задоволни сме да започнеме со работа на привремена локација во Македонија, со план за изградба на нова фабрика во таа област до средината на 2016 година”, истакна Жанин Хенли, потпретседател на Леар за Глобални навлаки и занаетчиство, додавајќи дека како компанија ја ценат соработката на сите инволвирани во отварањето на првата фабрика на Леар во Македонија.

Министерот Веле Самак и неговиот тим последниве две години работеле интензивно на убедување на Леар оваа инвестиција да се лоцира во Македонија.

-Во конкуренција за оваа нова фабрика беа земји од регионот како и четири градови од Македонија. Особено значајно е што со оваа инвестиција ќе се отворат модерни работни места за многу млади и искусни луѓе во Гостивар и Тетово. Со оваа одлука само ја покажуваме нашата одлучност да бидеме најдобра дестинација за странските инвеститори и да се бориме за нови работни места, истакна Самак.

lear1-500

Со аквизицијата на Eagle Ottawa во јануари 2015 година, Корпорацијата Леар е водечки добавувач во светот на премиум автомобилска кожа, со глобално подобрени  капацитети на седишта во областа на занаетчиството, опциите за дизајн и целокупната вредност.

-Во согласност со нашата позиција како светски лидер во луксуз и перформанси на автомобилски седишта, ја поздравуваме можноста за отварање на оваа нова фабрика со цел реализација на нашата секојдневна посветеност за квалитет и услуга на нашите клиенти”,  истакна Рафаел Гаљарди, потпретседателот на Леар за европски операции за материјали за седишта.

Корпорацијата Леар (Lear Corporation) е еден од водечките глобални добавувачи на автомобилски седишта и системи за електрична дистрибуција. Леар го опслужува секој поголем производител на автомобили во светот, и производите на Леар може да се најдат на повеќе од 300 називи на возила. Производите од светска класа на Леар се дизајнирани, конструирани и произведени од различни тимови на приближно 132,000 вработени лоцирани во 34 земји. На листата на Fortune 500, Леар е рангирана на 177-то место. Седиштето на Леар се наоѓа  во Саутфилд, Мичиген.