Американската „Ројал Голд“ вложува 175 милиони долари во Иловица

Во предфизибилити студијата за локалитетот Иловица и Штука се утврдени 237 милиони тони ресурси и резерви од 225 милиони тони руда во кои, според преценките, има присуство на 70 тони злато и 410 илјади тони бакар…

Компанијата „Еуромакс Ресурсес Лтд“ склучи договор за откуп на произведено злато со RGLD Gold AG, подружница во целосна сопственост на американската компанија „Ројал Голд“, вреден 175 милиони долари за дополнително финансирање на следните фази на развој и изградба на проектот за бакар и злато Иловица во Република Македонија.

Исплатата на средствата според договорот за откуп на произведено злато ќе се реализира во три транши и тоа, првата транша во износ од 7,5 милиони долари ќе биде исплатена во период од 90 дена од денот на потпишување, втората транша од 7,5 милиони долари една година од денот на потпишување и третата транша од 160 милиони долари, ќе се реализира до капитализирање на проектот.

Според Договорот за откуп на произведено злато, Еуромакс ќе испорача физичко злато во износ еднаков на 25% од златото за исплата произведено од Проектот додека да се испорачаат 525.000 унци на Royal Gold и 12,5% до крајот на животниот век на рудникот.

„Ројал Голд“ ќе го купува испорачаното злато во готово во вредност од 25% од фиксната пазарна London PM цена на златото на London Bullion Market Association на денот на испорака за секоја испорачана унца и ќе се примени платниот биланс како одбиток од авансот од 175 милиони долари. Нема да се пресметува камата на авансното плаќање.

Во предфизибилити студијата за локалитетот Иловица и Штука се утврдени 237 милиони тони ресурси и резерви од 225 милиони тони руда во кои, според преценките, има присуство на 70 тони злато и 410 илјади тони бакар. Од овие количини истражувањата потврдуваат искористување од 86,5 отсто за златото и 84 отсто за бакарот. Според податоците, површинскиот коп кај Иловица и Штука се предвидува да има експлоатација од 10 милиони тони годишно. Просечното годишно производство ќе биде 95 илјади унци злато и 16 илјади тони бакар. Според количините што ги поседува, рудникот се предвидува да работи околу 23 години.

Рудникот за бакар и злато треба да започне со работа во 2017 година, а вкупните инвестиции за реализација на оваа грин-филд инвестиција се 500 милиони долари.