Американската компанија Royal Gold вложува 175 милиони долари во развој на рудникот за бакар и злато во Иловица

Euromax Resources Ltd. склучи Договор за откуп на произведено злато со RGLD Gold AG, подружница во целосна сопственост на американската компанија Royal Gold, Inc („Royal Gold“), вреден 175 милиони долари за дополнително финансирање на следните фази на развој и изградба на проектот за бакар и злато Иловица во Република Македонија.
Исплатата на средствата според Договорот за откуп на произведено злато ќе се реализира во три транши и тоа, првата транша во износ од 7.5 милиони УСД ќе биде исплатена во период од 90 дена од денот на потпишување, втората транша од 7.5 милиони долари една година од денот на потпишување и третата транша од 160 милиони долари, ќе се реализира до капитализирање на проектот.

Првите две транши од Договорот за откуп на произведено злато ќе се искористат за продолжување на развојот на Проектот во однос на дозволите за Проектот и завршување на Дефинитивна Физибилити Студија („DFS“) и инженерски дизајн („FEED“) планирани за 2016 година. Третата транша треба да се користи за финансирање на сите капитални расходи на Проектот, пропорционално со други извори на финансирање.

Според Договорот за откуп на произведено злато, Euromax ќе испорача физичко злато во износ еднаков на 25% од златото за исплата произведено од Проектот додека да се испорачаат 525.000 унци на Royal Gold и 12,5% до крајот на животниот век на рудникот. Royal Gold ќе го купува испорачаното злато во готово во вредност од 25% од фиксната пазарна London PM цена на златото на London Bullion Market Association на денот на испорака за секоја испорачана унца и ќе се примени платниот биланс како одбиток од авансот од 175 милиони долари. Нема да се пресметува камата на авансното плаќање.

Коментирајќи во врска со ова соопштение, Varshan Gokool, Главен финансиски директор на Euromax Resources UK Limited, рече:

„Задолжувањето со 175 милиони долари соопштено денеска е многу подалекусежно од едноставно регулирање на потребите за финансирање на Фаза 1 и ни овозможува да се држиме до програмите DFS и FEED за испорака во 2016 година. Во согласност со нашата стратегија за финансирање, успеавме да ја мултиплицираме вредноста на основните средства на Иловица и со тоа да го минимизираме распрскувањето на вредноста на акционерите. Важно е дека стримингот претставува само 14% од нашето производство на злато и ќе задоволи 31% од нашите очекувани капитални расходи за изградба и понатамошно ќе го подобри внатрешниот поврат на средства на Проектот“.

Исплатата на средствата од втората и третата транша ќе биде реализирана доколку Royal Gold е задоволен со напредокот и крајните резултати на DFS и оцената на влијанието врз животната средина и социјалните услови и резултатите во тој момент, како и од позицијата на Проектот во однос на релевантните дозволи и пристапот на Euromax до доволно финансиски средства за да се заврши DFS и да се обезбедат сите неопходни одобренија за развој и на сите трошоци за градба.

Коментирајќи во врска со ова соопштение, Steve Sharpe, Претседател и Главен извршен директор, рече:

„Одушевени сме што можеме да ги вклучиме Royal Gold како долгорочни партнери во Иловица. Ние веруваме дека нивната вклученост, која следи по опсежната техничка, еколошка и правна длабинска анализа, е силна поддршка за проектот Иловица“.

Во предфизибилити студијата за локалитетот Иловица и Штука се утврдени 237 милиони тони ресурси и резерви од 225 милиони тони руда во кои, според преценките, има присуство на 70 тони злато и 410 илјади тони бакар. Од овие количини истражувањата потврдуваат искористување од 86,5 отсто за златото и 84 отсто за бакарот. Според податоците, површинскиот коп кај Иловица и Штука се предвидува да има експлоатација од 10 милиони тони годишно. Просечното годишно производство ќе биде 95 илјади унци злато и 16 илјади тони бакар. Според количините што ги поседува, рудникот се предвидува да работи околу 23 години.

Еуромакс поседува две концесии и тоа, концесија за експлоатација која опфаќа простор од 1,68 км2 и концесија за детални геолошки истражувања на друга соседна локација која се простира на 3,27 км2. Рудникот за бакар и злато треба да започне со работа во 2017 година, а вкупните инвестиции за реализација на оваа грин-филд инвестиција се 500 милиони долари.