Американската полиција разби ланец на трговија со луѓе

Американската полиција спасила повеќе од 100 илегални имигранти за кои верува дека се држени против своја волја во една мала и валкана куќа во Тексас.

Во куќата се пронајдени 94 мажи, 14 жени и две деца кои биле гладни и уморни, но на себе немале траги од насилство.

Од локалната полиција сметаат дека ова е класичен пример на трговија со луѓе кои се третирани како животни.

Пет лица се осомничени за трговија со луѓе и се уапсени, а федералните агенти ги испрашуваат имигрантите колку време биле чувани зад заклучени врати.

Најмалку осум од мигрантите се Мексиканци, а меѓу нив има и три малолетници. Биле сместени во мал простор, без вода, тоалетот едвај работел, а го користел над сто луѓе.

Полицијата ја откри куќата со лица без документи откако дел од роднините ги пријавиле за исчезнати.