Американската војска уште не донела одлука за испраќање дополнителни војници во Авганистан

Пентагон во четвртокот објави дека уште не е донесена одлуката за идното воено присуство во Авганистан, откако во медиумите се појавија информации дека американскиот министер за одбрана Џим Матис го завршил планот за зголемување на трупите во оваа земја за борба против засилените воени активности на радикалното исламистичко талибанско движење.

„Не се донесени никакви одлуки“, одговорил портпаролот на американското министерство за одбрана Џеф Дејвис на прашањето за извештајот на агенцијата Associated Press за одлуката на министерот Џим Матис за испаќање дополнителни 4.000 американски војници во Авганистан.

Оваа бројка е во согласност со некои претходни изјави на американските функционери кои сакале да останат анонимни. Агенцијата Reuters пренесе дека САД во Авганистан, каде што воено се присутни веќе 16 години, планираат да испратат меѓу три и пет илјади војници.

Неименуван функционер во мај за Reuters изјави дека би можело да бидат испратени 3.800 војници, но предупредил дека таа бројка би можела да се промени во договор со сојузниците во НАТО, коишто, исто така, би можеле да придонесат со своите сили. .

Министерот Матис на 14 јуни во текот на сослушувањето пред американскиот Сенат истакна дека следните неколку седмици на претседателот Доналд Трамп ќе му ја претстави новата стратегија во којашто ќе биде содржана и неговата одлука за бројот на војниците.