Американски близнаци се првите милијардери во биткоини

© AP Photo / Evan Agostini

Американските браќа близнаци Тејлор и Камерон Винклвос станаа првите во светот биткоински милијардери, објави во неделата британскиот весник The Sunday Telegraph.

Браќата купиле еден процент од светските резерви на оваа крипто валута за 11 милиони долари во 2013 година. Од тогаш цената на биткоинот се зголеми речиси за стотици пати. Винклвос намерно не ја продавале криптовалутата, што укажува на нивната намера за долгорочна инвестиција. Тие биткоинот го нарекуваат „подобрена верзија на златото“.

Близнаците Винклевос се познати по судскиот спор со основачот на Facebook, Мајк Цукенберг, кого го обвинија дека од нив го украл концептот за социјалната мрежа. Двете страни постигнаа вонсудска спогодба чија висина не беше објавена, а според некои медиумски извештаи Цукенберг им исплатил околу 65 милиони долари компензација.

Најпопуларната крипто валута во светот, биткоинот на 29-ти ноември го надмина својот историски рекорд, достигнувајќи вредност од 11.441 долари за единица од виртуелната валута. Подоцна нејзината цена падна за две илјади долари. Сепак, во петокот цената на „валутата“ на најголемите светски берзи одново го надмина плафонот од десет и пол илјади долари.

Така, сега се проценува дека браќата Винклвос се првите јавни личности кои со инвестицијата од пред четири години заработиле над милијарда долари во крипто валутата.