Американски кадети градеа домови во Велес

Дваесет и пет кадети од Америка, за време на нивниот работен престој во Македонија, организираа еднодневна волонтерска акција за помош во изградбата на населбата Хабитат во Велес.

Хабитат Македонија оваа сабота имаше задоволство да биде домаќин на тим составен од 25 Американски кадети. Кадетите одлучија да одвојат еден ден во рамки на својот повеќенеделен работен престој во Македонија и да волонтираат во изградбата на населбата Хабитат. Тие се вклучија во тековните градежни работи на 12-те нови станови, кои наскоро ќе овозможат пристојно и достапно домување на велешките семејства со ниски приходи.

Благодарност за нивната помош им изразија и две од семејствата што ќе домуваат во населбата Хабитат во Велес, а можноста ја искористија и самите да помогнат во градежните работи.

„Сакаме да се инволвираме во заедницата и да помогнеме онаму каде што можеме и каде што има потреба. Тоа е вообичаено за нас, а особено за учениците и студентите кои волонтираат многу често. Самите универзитети во САД ја поттикнуваат оваа практика со тоа што имаат барања за волонтерски денови во заедницата. На тој начин се гради посилна и поцврста заедница која на младите луѓе им помага да изградат појака мрежа“ рече Андреа Меткалф, лидер на тимот.

Во досегашната изградба на 36 станови во четирите станбени згради во Велес учествуваа повеќе од илјада волонтери, кои пристигнаа во Македонија од целиот свет, со цел да помогнат во градењето на овие домови. За волонтирањето како практика, сѐ повеќе се интересираат и локални институции, компании и студенти, па може да се очекува во населбата на Хабитат Македонија почесто да се сретнуваат и волонтери од Македонија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.