Американски конгресмени со поддршка за членство на Македонија во НАТО

Македонија припаѓа на НАТО. Земјата е одговорен член на меѓународната заедница кој знае како да помогне кога има потреба. Македонските војници се вистински професионалци и вешти и мотивирани мировници за кои сите имаат пофални зборови, истакнал  американскиот конгресмен Пол Кук на средбата во Вашингтон со македонскиот министер за одбрана Зоран Јолевски, пренесува МИА.

Конгресменот Кук, како што се наведува во соопштението од МО, посочил дека силно ја поддржува интеграцијата на Македонија во НАТО, и оти таков однос имаат и многу други негови колеги во Конгресот.

Јолевски нагласил дека Република Македонија е сериозен сојузник и придонесувач кон глобалниот мир и безбедност.

– Нашата стратегиска цел е јасна – полноправно членство во НАТО и во Европската Унија. Непобитен факт кој го почитува и самата Алијанса е дека Македонија и нејзината Армија се подготвени да пристапат кон полноправно членство уште од 2008 година, рекол министерот на средбата.

Македонија, вели Јолевски, останува посветена на меѓународните мировни операции, исто толку колку што е посветена и на континуираниот развој на вооружените сили, но и останатите области, меѓу кои и одбраната, образованието, здравството и економијата.

Јолевски вчера во Вашингтон разговарал и со други членови на американскиот Сенат и Конгрес.

На одвоените средби со конгресмените Тед По и Роберт Адерхолт, министерот Јолевски, освен на одбранбениот систем во целина, се осврнал и на потребата од развој на образованието, како и последните планирани развојни процеси на Воената академија. Во тој контекст министерот го споменал воведувањето на курсеви на академијата на англиски јазик, како и отворањето на можноста за размена на кадети со другите Армии на земјите-партнери. Јолевски и конгресмените По и Адерхолт разговарале за политичко-безбедносната состојба во регионот и пошироко, а се осврнале и на можностите за развој и соработка во одбраната.

Во текот на вчерашниот ден министерот Јолевски се сретнал и со претседателот на една од највлијателните „тинк-тенк“ организации во САД, „Фондацијата Херитиџ“, Џејмс ДеМинт, кој воедно е и поранешен сенатор од државата Јужна Каролина.

На средбата е укажано дека „Фондацијата Херитиџ“ дава целосна поддршка за евроатлантските интеграции на Република Македонија, особено во НАТО алијансата. За таа цел, членовите на Фондацијата, на чело со претседателот ДеМинт посочиле дека постојано ќе ги информираат конгресмените и сенаторите за значењето Македонија да стане и „де јуре“ член на НАТО.

ДеМинт истакнал дека Македонија постигна завидно висок резултат во однос на индексот за економски слободи. – Македонија е земја-лидер во регионот во поглед на економските политики и тоа може да се види и во економскиот развој на земјата, посочил ДеМинт.

Министерот Јолевски во текот на денешниот ден ќе биде дел од традиционалниот Молитвен појадок, а потоа ќе има средби со повеќе сенатори, како и со Хојт Ји, заменик помошник секретар во американскиот Стејт департмент, за европски и евроазиски работи.