Американски падобранци ги обучуваат украинските сили

кои се борат против проруските сепаратисти на истокот од Украина, поради што руското Министерство за надворешни работи изрази „сериозна загриженост“, објави МИА.

Како што пренесува Танјуг, руското Министерство оцени дека оваа постапка им „противречи на договорите од Минск за решавање на украинската криза“.

Украинскиот претседател Петро Порошенко на дождливата церемонија во Јаворовскиот наставен центар во Лавовската област, ги поздрави американските војници од 173. воздухопловна-десантна бригада од базата во Италија .

– Сведоци сме и директни учесници во формирањето на новата украинска војска, која како Феникс се обновува по долго време, рече Порошенко пред собраните војници.

Украински официјални претставници наведоа дека околу 300 американски војници ќе обучуваат 900 припадници на Националната гарда на Украина, кои се распоредени на истокот од земјата, каде продолжија тешките судири со проруските сили и покрај договорениот прекин на огнот од февруари годинава.

Претставникот на руското Министерство, Александар Лукашевич, изрази сериозна загриженост заради веста за пристигнувањето на 290 војници од 173. воздухопловно-десантна бригада на САД на западот од Украина.

Портпаролот на руското Министерство наведе дека точка 10 од усогласениот Комплекс мерки по преговорите во Минск подразбира повлекување на сите странски формации, воена техника, како и платеници од територијата на Украина под надзор на ОБСЕ.

– Место тоа, кај Лавов се истовари единица на американската воздухопловно-десантна бригада и има намера таму да остане долго време. На овој начин отворено се кршат обврските кои Киев ги презеде врз себе, а администрацијата на (американскиот претседател) Барак Обама, која на зборови се залага за решавање на украинската криза, во реалноста придонесува за уривање на договорите од Минск, наведе Лукашевич.