Американски сенатори: САД да ја вооружи Украина!

Двајца американски сенатори јавно повикаа Соединетите американски држави да ја вооружат Украина, објави „Асошиејтед прес“, пренесува Нетпрес.

Според сенаторите, администрацијата на американскиот претседател Барак Обама не треба само да настојува за построги санкции кон Русија, туку и да испрати оружје во Украина, за да и’ помогне да се одбрани.

Сенаторот Роберт Менендес, претседател на комисијата за надворешни работи во американскиот Сенат, смета дека Вашингтон треба да испрати оружје во Украина, со што би имало последици по рускиот претседател Владимир Путин, „при неговата понатамношна агресија“.

Менендес јавно се обратил од Киев, во изјава за телевизијата Си-Ен-Ен.

„Веќе не станува воопшто збор за некакви бунтовници и сепаратисти, тоа е директна инвазија од Русија, и ние треба да ја признаеме како таква“, рекол тој. 

Сенаторот Џон МекКејн изјавил дека ако не биде побарана сметка од Русија за Украина, „тогаш Москва може непречено да им се закани и на други земји од источна Европа, како на пример на Молдавија и на балтичките држави“.

МакКејн ја отфрлил тезата дека доставките на оружје на Украина би можеле да ги влошат работите.

„Во името на Бога, не може ли да им помогнеме на тие луѓе да се заштитат? Тоа е инвазија“, изјавил сенаторот за телевизијата Си-Би-Ес.

„Дајте им оружје, кое им е потребно. Дајте им ги неопходните средства. Дајте им можност да се борат“, рекол МекКејн.