Американски војник загина во Авганистан

Американски војник загина во саботата откако бил застрелан во Авганистан, соопшти штабот ан Вооружените сили на САД во оваа земја.

„Еден американски војник почина од повредите здобиени за време на изведување на (воени) операции во покраината Логар“, јужно од главниот град Кабул, се наведува во соопштението објавено на страницата на американската команда во Авганистан на социјалната мрежа Facebooк.

Минатата седмица беше потврдено дека во Авганистан во хеликоптерска несреќа загинал американски војник од составот на НАТО, исто така, во источната покраина Логар. Шест други членови на екипажот беа повредени во инцидентот и беа хоспитализирани. Според соопштението на НАТО, хеликоптерот не бил соборен од непријателски оган.

Авганистанските безбедносни сили од минатата седмица изведуваат воени операции со поддршка на артилеријата и воздухопловството во 12 покраини на Авганистан, вклучително и во Логар, каде што досега според соопштенијата се ликвидирани 27 борци на радикалното исламистичко движење Талибан.

Од 1-ви јануари 2015 година во Авганистан дејствува неборбената мисија на НАТО „Одлучна поддршка“ во којашто партиципираат и македонски војници, чијашто главна мисија е обука и советување на авганистанските безбедносни структури. Таа дојде како замена за борбената мисија предводена од антитеористичката коалиција предводена од САД и меѓународните сили за осигурување на безбедноста (ISAF) под команда на НАТО.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.