Американскиот амбасадор Бејли во посета на општина Велес

Новиот Амбасадор на САД во Република Македонија Џес Бејли, денеска во рамки на неговата прва официјална посета на Велес, се сретна и разговараше со градоначалникот на Општина Велес, Славчо Чадиев, како и со членови на семејствата кај кои престојуваат доброволци на Мировниот корпус, јавува МИА.

Како што изјави амбасадорот Бејли, Амбасада на САД во Скопје и Општина Велес има долга и одлична соработка во сите области, особено во економијата и културата.

– Ако доброволците на Мировниот корпус се еден вид на амбасадори на САД во Македонија, тогаш семејствата – домаќини се амбасадори на Република Македонија. Јас им се заблагодарувам и сакам да охрабрам и други семејства во Македонија да станат домаќини на доброволците од Мировниот корпус, порача амбасадорот Бејли.
Тој оцени дека односите на двете земји не се само односи меѓу влади и политичари бидејќи таа соработка, подвлече, започнува со народите и се случува токму овде во Велес.
Градоначалникот Славчо Чадиев го запознал амбасадорот Бејли со карактеристиките и пред се со културата на Велес, но и со соработката на општината со волонтерите на Мировниот корпус и со Хабитат.