Американскиот новинар Дреер тврди – УСАИД ги поткопува традиционалните вредности во Македонија

Американскиот новинар Род Дреер силно ја критикуваше работата на државната агенција за помош УСАИД во Македонија велејќи дека организацијата презема активности за ширење на левичарска идеологија во нашата земја, пишува Дневник.

Во два текста објавени на интернет-страницата на списанието „Американ конзерватив“, Дреер пишува дека УСАИД се претвора во организација која финансира „платеници за водење културна војна“ во други држави обидувајќи се да ја видоизмени нивната култура и традициите.

Дреер особено реагира по објавувањето оглас на УСАИД за програма за развој на правата на хомосексуалните или ЛГБТ-групите граѓани во Македонија, во која со 300.000 долари ќе се помагаат активности против, како што се вели, „промоцијата на општествено-конзервативната агенда која се потпира на традиционалната родова идеологија од страна на владејачката партија“.

-Владата на оваа традиционално православна држава ги промовира ставовите на Православната црква во врска со родовите и половите прашања, ставови што луѓето ги бранеле од памтивек. Но, американската влада не може да се помири со овие ставови, напротив, нашата влада толку многу ги мрази овие гледишта што е подготвена да потроши 300.000 долари и да испрати агенти што ќе ги поткопуваат верата и семејството во една мала балканска држава. Ова е културна хегемонија реализирана од американските либерали. Дали Вашингтон ангажира вакви платеници да водат културолошка војна во Саудиска Арабија или во Kатар и таму да ги учат на словото на сексуалната разновидност. Или ова го прават само во мали, сиромашни држави, кои честопати не се доволно силни да се спротивстават, пишува Дреер во својот текст.

Промовирање политики со кои не се согласува американскиот народ

„Дневник“ и порано пишуваше за реакции од страна на американски конзервативци за програмите на УСАИД, кои добиваат сè поизразена идеолошка и политичка линија и се реализираат пред сè преку организацијата на Сорос во Македонија. Текстот на Дреер предизвика интерес и на социјалните мрежи каде што беше споделен од познати конзервативни коментатори од областа на безбедноста и обидите на левицата да изврши трансформација на општеството, како што се Џон Шиндлер и Kурт Шлихтер, кои оценија дека со ваквите напади врз македонските конзервативци американската влада како намерно да се обидува да ја отуѓи македонската десница и да ја насочи кон Русија, пишува весникот.