Американскиот Стејт департмент го повика СДСМ да се врати во Собранието

Охрабрени сме од чекорите на Владата да ги смени клучните министри и функционери и ја повикуваме опозициската партија да се врати во Собранието, изјави Џеф Ратке, портпарол на американскиот Стејт департмент, на прашање за состојбата во Македонија.

Тој потсети дека САД и европските држави упатиле повици до двете политички страни во Македонија, објавува МИА.

– Одблиску ги следиме настаните во Македонија и заедно со нашите европски партнери сме во тесни консултации со македонската Влада и со политичките лидери, да ја пренесеме нашата загриженост за актуелната политичка криза. Ги повикуваме двете страни да го почитуваат правото на мирно собирање и протестирање, при што ќе се воздржат од насилство. Ги повикавме властите да направат чекор кон одговарање на обвинувањата за нерегуларности кои излегуваат од неодамна објавените материјали. Исто така, ја повикавме опозициската партија да се врати во Собранието, каде ќе учествува во зајакнување на собранискиот надзор врз владините институции, вклучително и во анкетна комисија за објавените материјали. Охрабрени сме од минатонеделниот чекор на Владата да смени клучни министри и функционери кои беа имплицирани. Сметаме дека тоа е позитивен чекор, но веруваме дека македонските лидери мора да работат заедно и да отпочнат дијалог за прашањата кои ја спротивставија земјата, меѓу другото и за неопходните реформи и за актуелната политичка криза, изјави Ратке, на прашањето што САД прават за Македонија да се врати на патот на евро-атланските интеграции.