Американските иследници го прислушувале телефонот на адвокатот на Трамп

Американските сојузни иследници ги прислушувале телефоните на Мајкл Коен, долгогодишен адвокат на претседателот Доналд Трамп, пред во минатомесечната рација во неговата канцеларија, хотелска сона и дом да запленат негови документи и акти, пренесе во четвртокот телевизиската мрежа NBC News.

Телевизијата се повикува на извори запознаени со правните процеси во кои е вклучен адвокатот Мајкл Коен, и тврди дека не е познато на кој начин прислушувањето е авторизирано, но истакнува дека тоа се склучило со седмици пред рацијата од 9-ти април. Прислушуван бил најмалку еден телефонски разговор меѓу Коен и Белата куќа, ја пренесува NBC News изјавата на еден од своите извори.

Рациите кои беа дела од сојузната криминална истрага над Коен делумно и поради наводите дека 130.000 долари наводно ѝ дал на порно глумицата Стоми Даниелс еден месец пред претседателските избори во ноември 2016 година за да не прозбори за сексуалните односи за коишто тврди дека ги имала во 2006 година со сегашниот американски претседател Доналд Трамп.

Трамп во вторникот на Twitter објави дека на Коен му се вратени парите за таа исплата преку месечни хонорари, а не со пари од кампањата, за да се сопрат „лажните и уценувачки обвинувања“ од Даниелс.

Прислушувањето на Коен, доколку овие тврдења се покажат веродостојни, може да претставува нова закана за Трамп кој води неколку правни битки на повеќе фронтови. Процесот околу адвокатот е дел од истрагата која е во тек на специјалниот обвинител и иследник Роберт Мјулер за наводниот договор меѓу кампањата на Трамп и Русија во текот на претседателските избори, како и дали американскиот претседател се обидел да ја запре таа истрага.

Меѓутоа, сѐ уште не е познато како е добиена дозволата за прислушување на Коен, ниту какви докази Федералното биро за истраги (FBI) имало за да го оправда барањето за следење на комуникацијата. Тоа може да донесе, пак, проблеми за некои функционери во американското правосудство и службите, кои беа обвинувани за прислушување на изборниот штаб на Трамп во текот на кампањата, како и на некои поранешни негови советници по изборите.

Руди Џулијани, поранешниот градоначалник на Њујорк, кој е дел од правниот тим на претседателот Трамп за весникот The Washington Times рече дека доколку се покаже дека навистина имало прислушување тоа би било „непримерно“.