Американско-руски самит идниот понеделник во Вашингтон

Во разгорот на политичката битка во САД поради наводната вмешаност на Русија во американските претседателски избори во 2016 година, високи дипломати на двете земји во понеделникот на 17 јули во Вашингтон ќе разговараат за спорните прашања, известуваат во средата светските агенции.

Третиот човек во американскиот Стејт департмент, дипломат од кариера Тома Шенон, ќе биде домаќин на помошникот на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Рјабков, најави американската дипломатија.

Овој состанок беше предвиден за крајот на јуни во Санкт Петербург, но Русија го откажа поради новите американски санкции во врска со украинската криза.

Портпаролката на американското министерство за надворешни работи Хетер Науерт изјави дека Шенон и Рјабков ќе разговараат за санкциите воведени при крајот на претседателскиот мандата на демократскиот претседател Барак Обама во декември 2016 година, за протерувањето на триесетина руски дипломати кои ги осомничија за шпионажа, и за затворање на два руски резиденцијални комплекси во САД. Во меѓувреме и Москва подготви список со триесетина американски дипломати кои работат во Русија кои може да бидат протерани од земјата.

Двајцата дипломати ќе разговараат и за Украина и за Сирија, според американските дипломатски извори.

По враќањето од патувањето во Европа изминатиот викенд на коешто првпат се сретна со рускиот претседател Владимир Путин, американскиот челник Доналд Трамп изјави дека сака „да оди напред и да работи на конструктивен начин“ со Москва.

Подготвеноста на Трамп за соработка со Русија наидува на спротиставување од американскиот Конгрес кој бара нови санкции за наводното руско мешање во американската претседателска кампања од 2016 година, што официјална Москва повеќепати го негираше укажувајќи дека тие тврдења не се поткрепени со ниеден доказ и оценувајќи дека станува збор за „русофобна хистерија“ која е резултат на политичките прилики во саите САД.

Нова фаза се појави откако се истражуваат контактите коишто синот на претседателот , Доналд Трамп помладиот ги имал со руска адвокатка, којашто според пишувањата на медиумите, му нудела компромитирачки материјали за демократската противкандидатка на неговиот татко Хилари Клинтон. Трамп помладиот во меѓувреме изјави дека станува збор за адвокатка која всушност застапувала странки во случаите на посвојувања руски деца во САД и тоа ѝ бил изговор за средба. Исто така, изрази подготвеност да сведочи пред Сенатот.