Американското кантри за неколку часа загуби двајца великани

Остатоци од хеликоптерот во чиј пад на 8 септември 2017-та животот го загуби американската кантри ѕвезда Трој Џентри

Американската кантри музика загуби двајца големи уметници, Дон Вилијамс и Трој Џентри, кои починаа во петокот за само неколку часа, објавија медиумите.

Дон Вилијамс, кој големиот успех го оствари со лежерниот пејачки стил, починал во 78-та година по кусо боледување,

Соло кариерата ја започна во 1971 година и 17 пати беше на врвот од кантри топ листата. Неговите песни како „Gypsy Women“ и „Tulsa Time“ беа изведувани од славни пејачи како Ерик Клептон и Пит Таунзенд.

Втората кантри ѕвезда, Трој Џентри, исто така, во петокот го заврши животот, настрадувајќи во хеликоптерска несреќа. Причината за несреќата којашто се случила во Медфорд во сојузната држава Њу Џерски засега не е позната.

Педесетгодишниот Џентри заедно со Еди Монтгомери во 1999 го основаше дуото Монтегомери Џентри кое објави досега осум студиски албуми.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.