понеделник, 24 јули 2017  |  Вести денес: 16

Американското откопување на „томахавките“ удар врз надежите за мир?!

tomahavk

Поврзани вести

Крстосувачките ракети лансирани од американските воени бродови во Средоземното Море врз воздухопловната база ал-Шарјат во Сирија го отвори во светот прашањето дали ова „откопување на воените секири“ на новата администрација во Вашингтон значи и отворање тотална војна, и продолжување на тензиите меѓу Западот и Русија кои долг период се на работ на нов глобален судир.

Американските проектили беа истрелани од бродовите „Рос“ и „Портер“ од средоземноморскиот акваториум крај грчкиот остров Крит беа упатени кон сириската воздухопловна база ал-Шарјат, во близина на градот Хомс. Ваквиот масивен ракетен удар врз сириските владини од страна на САД е првиот во повеќе од шестгодишниот сириски конфликт, и следува три години откако тогашната демократска администрација во Вашингтон на Барак Обама и покрај домашното и сојузничкото инсистирање се повлече од најдиректното вмешување во оваа војна. И, покрај, тоа што сегашниот шеф на Белата куќа, предупредуваше дека директен напад врз силите на сириските претседател ќе предизвика „многу лоши последици“, со што САД не би добиле ништо.

 
Трамп реагира под внатрешен притисок?

Нападот со „томахавките“, без разлика на нивниот ефект – имено руската команда во Сирија ги објави податоците дека од 59 проектили во областа на базата паднале само 23, а „судбината на другите 36 е непозната“ со само пет до седум жртви, и шест уништени авиони „МиГ-23“ сместени во хангарите на ремонт, склад со материјално-технички средства, дел за обука и радар, а веќе следниот ден по нападот од истата база полетаа сириските „Сухои“ – според официјален Вашингтон е одговор на наводниот хемиски напад во северозападната покраина Идлиб, во кој загинаа над 80 лица, без доставени докази, а откако официјален Дамаск категорично го отфрли обвинувањата потсетувајќи дека на меѓународната мисија и инспектори им ги предал сите резерви од хемиски агенси и демонтирање на постројките за нивно. Според сириската влада, биле погодени магацини во коишто сириските бунтовници ги чувале хемиските отрови донесени од Ирак а кои беа веќе користени минатата година во битката за градот Алепо.

Освен тоа, откако еднаш веќе беше обвинет за наводен хемиски напад, оној од пред четири години кај Гута, за кој исто така тврдеше дека е исцениран од тајните служби на земјите негови противнички токму поради инволвирање на САД во сирискиот конфликт, малку е веројатно дека Асад, откако со помош на руската интервенција направи пресврт во војната во своја полза, сега би ризикувал да преземе или да повтори хемиски напад кога концентрацијата на странски сили на сириска територија е најголемо од почетокот на конфликтот од март 2011-та. Тоа, едноставно, би претставувало свесно политичко самоубиство и ризикување да биде изведен пред лицето на правдата за воени и злосторства против човештвото.

Сепак, САД не го дочекаа мислењето на меѓународните експерти, ниту резолуцијата на ОН, американските „томахавки“ ја погодија базата од кои наводно полетале авионите кои го извршиле наводниот хемиски напад во Идлиб. Откако беа привремено суспендирани двете нацрт резолуции – Руската и на САД, Велика Британија и Франција, Американците веднаш го изведоа нападот.

idlib hemiski napad

Токму недочекувањето на резултатите од меѓународната непристрасна истрага за хемискиот напад, и повикувањето на „разузнавачи докази“ коишто претседателот Трамп во ланската предизборна кампања жестоко ги критикуваше, алудирајќи на американската интервенции во Ирак, исто така, во лов по оружје за масовно уништување за коешто подоцна се покажа дека не постоело, посочуваат дека новиот републикански станар ги преземал овие дејствија како одговор на притисокот од неговите противници во врска со „мекиот“ став кон Русија, и по повторувањето на ставот на Вашингтон, сличен на оној на Москва, дека за судбината на нејзиниот сојузник претседателот Башар ал-Асад, ќе се одлучува во иднина и од сирискиот народ. А тој став не го споделуваат ниту западните сојузници на САД, ниту регионалните сунитски монархиии.

Кај аналитичарите преовладува ставот дека оваа одлука на Трамп има јасна внатрешно-политичка заднина, откако во минатото ситуацијата во светот секоја година сé повеќе и повеќе е под влијанието на политичката ситуација на домашното политичко милје и внатрешните политички состојби во Вашингтон. По жестоката предизборна кампања во САД лани, стратегијата на Вашингтон во надворешната политика уште не е формирана и не е тајна дека на новиот претседател на САД едноставно не му е лесно во првите месеци на власта токму поради различните политички структури и струи во земјата кои максимално ја попречуваат работата на новата администрација. Но се предупредува дека таквото самопотврдување на американските власти е опасно.

Анализите говорат дека нападот бил испланиран однапред и со него Трамп требало да ги демантира надежите во некои кругови дека со неговиот мандат започнала ера на американско самонаметнато ембарго на воени интервенции надвор, сè додека трае обидот за консолидирање на состојбите внатре во САД.

 
Остар пресврт

Интересно е што американските проектили полетаа кон сириската база токму во часовите кога Доналд Трамп во својата приватна резиденција на Флорида имаше работна вечера со кинескиот колега по должност Кси Џинпинг. Американскиот претседател лично го информирал кинескиот за ракетниот напад.

U.S. President Donald Trump (L) and China's President Xi Jinping shake hands while walking at Mar-a-Lago estate after a bilateral meeting in Palm Beach, Florida, U.S., April 7, 2017. REUTERS/Carlos Barria - RTX34MII

Американските извори, секако неименувани, изјавуваа минатите денови дека нападот врз базата крај Хомс била „еднократна“ и оти не значи дека постојат „какви и да се планови за ескалација“. Извори од Пентагон тврдат дека нападот врз сириската база не значат „голема промена во ставовите на претседателот на САД“.

Имено, неколку дена пред трагедијата во Идлиб, високи претставници на американската администрација изјавија дека САД повеќе не сметаат дека отстранувањето на Асад е приорите на нивната политика во Сирија, каде што се концентрирани на уништувањето на џихадистичката Исламска држава. Претходно таквиот став во Обединетите нации го истакна и постојаната претставничка на САД, Ники Хејли.

Но по хемискиот напад реториката на новата американска администрација во врска со Сирија повторно се промени. Претседателот Трамп, потпретседателот Мајк Пенс, амбасадорката Хејли, па и државниот секретар Рекс Тилерсон, кој за кусо време даде две дијаметрално спротиставени изјави, во своите реакции синхронизирано го покажаа менувањето на својот првичен став во однос на Асад. И оваа ненадејна и остра промена на американската политика по прашањето на иднината на сирискиот претседател, прво во една насока блиска до руската, а потоа во спротивната насока, се случи во интервал од само неколку дена.

 
Демонстрација на сила?

Од Пентагон тврдат дека ги предупредиле руските колеги за претстојниот напад врз воздухопловната база ал-Шајрат и дека „се обиделе да ги минимизираат руските загуби во базата, без да бидат гаѓани деловите каде што би можело да има Руси“. Притоа беше истакнато дека „согласност од Москва американската администрација не барала“.

Но била испратена пораката дека нападот нема да продолжи во текот на денот и оти е „еднократна одмазда за варварскиот чин“ во Идлиб. Предупредување за ракетниот напад добила и сириската војска, којашто преземала мерки за евакуирање од базата на дел од техниката и персоналот, иако најавата за претстојниот удар ја добиле само 58 минути пред неговото започнување.

tilerson i lavrov

При извршувањето на ракетниот напад „беа преземени мерки за да се избегнат удари врз објекти во коишто, според нашите процени, биле магацините со гасот сарин. Тој можеше да се запали и да предизвика опасност за цивилите и сите други“, изјави советникот за национална безбедност на американскиот претседател Херберт Мекмасетер. Меѓутоа, со оваа изјава се побива како неверодостојно привичното тврдење дека нападот е преземен за да се уништат резервите на хемиски агенси на војската на Асад.

Покрај тоа, фактот дека речиси истовремено со американскиот напад врз базата ал-Шејкун, борците на ултрарадикалната сунитска групација Исламска држава ги нападнале позициите на сириската владина армија на патот Хомс–Фуркљус–Палмира, укажува дека за нападот не биле предупредени само Русија и Сирија.

Прашање е дали станува збор за случајно совпаѓање тоа што милитантите на Исламската држава нападнаа една од позициите за одбрана на трасата меѓу Хомс и Палмира истовремено со американскиот напад врз базата ал-Шајрат?! Имено, кон крајот на ноември минатата 2016 година Пентагон потврди дека во воздушните удари во Сирија во септември истата година, коишто ги изведоа американски, австралиски, британски и дански авиони, се убиени стотина војници на владата на Сирија, а официјален Дамаск и тогаш обвини дека со овој напад им се овозможи на џихадистите од Исламската држава да заземат стратешки важна позиција, започнувајќи офанзива веднаш по воздушниот удар. Американското министерство за одбрана тогаш појасни дека станува збор за серија недоразбирања, недостиг од прецизни разузнавачки информации од теренот и човечки грешки.

 
Реакции на сојузниците на Асад

Кремљ пред американсјиот напад објави дека смртоносниот напад со гас во северозападната сириска покраина Идлиб го нарече „монструозно злосторство“, но соопшти дека заклучоците на Вашингтон за овој инцидент, кој се случи претходно седмицава не се засновани на објективни податоци. „Ние не се согласуваме со тие заклучоци. Веднаш по трагедијата никој немал пристап во овој регион…. и какви и да се податоци кои може да ги добие американската страна или нашите колеги од другите земји не можат да бидат засновани на објективни факти“, рече Песков пред новинарите во Кремљ. Додаде дека основната идеја е да не треба да се носат избрзани заклучоци, оти неопходно е размена на информации, неопходно е споредување на достапните информации и заклучоците може да се изведат само потоа, а не претходно. Носењето какви и да се заклучоци пред ваквата размена на информациите и пред спроведувањето на истрагата, се разбира, не може да се сметаат како заклучоци коишто ја одразуваат реалност.

Веднаш по американскиот удар рускиот претседател Владимир Путин изјави дека нападот претставува „агресија врз суверена држава, со кршење на меѓународното право а под неверодостоен изговор“. Кремљ повторно го истакна фактот дека сите сириски резерви од хемиско оружје биле предадени и оти тоа е потврдено од Организацијата за забрана на хемиското оружје при ОН.

putin

Путин, исто така, предупреди дека „целосното игнорирање на фактите за употреба на хемиското оружје во голема мера ја влошува ситуацијата“ во Сирија. Според рускиот челник, Вашингтон се обидува на овој начин „да го пренасочи вниманието на меѓународната јавноста“ од стотиците цивилни жртви во Ирак, особено во градот Мосул, како резултат од воздушните удари на меѓународната коалиција предводена од САД.

Русија, исто така, соопшти дека го суспендира договорот за безбедност на летовите над Сирија што претходно беше потпишан со САД. Истовремено Иран, вториот најважен сојузник на сирискиот претседател Асад, остро го осуди инцидентот со образложение дека ваквите акции само им помагаат на терористите и дополнително ја комплицираат ситуацијата во Сирија.

Сепак, малку е веројатно дека Москва ќе оди на натамошно заострување, па и вербално, во односите со Западот. Впрочем, и самиот факт дека за време на нападот воопшто не се активирале руските системи потврдува дека тие биле известени за американската акција. Да сакале или да сметале дека е неопходно, сигурно е дела Русија би реагирала поинаку.

 

 

И целиот свет на е доволен. Трамп има намера да ја нападне Северна Кореја?

Американскиот носач на авиони на нуклеарен „Карл Вилсон“ заплови кон Корејскиот полуостров, а во Сеул со нетрпение го очекуваат неговото впловување. Претходно беше познато дека Советот за национална безбедност му ги презентирал опциите на претседателот Доналд Трамп за борбата со севернокорејската нуклеарна опасност. Меѓу варијантите се убиството на Ким Јонг-ун, тајно испраќање на диверзантски групи во Северна Кореја, распоредување на нуклеарно оружје во Јужна Кореја.

Сега сите се во очекување што ќе биде следното. Дали Трамп ќе го повтори сириското сценарио? А тоа вклучува неколку компоненти: ракетен удар, бучна медиумска кампања во медиумите, „солидарна акција“ на сојузниците во НАТО, силни изјави во Советот за безбедност на ОН, одобрување во Конгресот. Сето тоа ќе биде осигурено, освен можеби последното, за што има резерви. Така, на пример, сенаторот Џон Меккејн изјави дека Трамп е делумно одговорен за наводниот хемиски напад во сириската покраина Идлиб. Тоа, се разбира, малку го нарушува „бизнис проектот“ на американскиот претседател, но очигледно тој смета дека неговата идна активност во надворешната политика ќе ги намали критиките на неговата личност на домашната политичка сцена.

Патем, во врска со ударот врз Сирија се појавува неизбежното прашање: дали тоа е непредвидливата политика на Трамп? Ако не се земе предвид американската реалност, неговиот чекор може навистина да посочува дека претседателот на САД е екстравагантен и непредвидлив. Но, всушност, тоа не е така. Во потезите на Трамп сé уште се чувствува зависност од мнението на естаблишментот во Вашингтон, а како резултат на тоа тој ќе биде принуден, за некои прашања делумно а некогаш и целосно, да донесува одлуки кои му се наметнати. А Трамп не сака да биде „крал за само еден ден“.

pjongjang kipoviОттаму, обновувањето на односите со Русија тој го симна од распоредот на приоритетите. Повторно се појави „проблемот“ на сирискиот претседател Башар ал-Асад и нападот врз Сирија беше изведен токму во текот на посетата на кинескиот претседател Кси Џинпинг на САД. Затоа и ударот врз Северна Кореја не смее да биде исклучен. Трамп веќе го започна „одбројувањето“ велејќи дека „Доколку Кина не се справи со Северна Кореја, тоа ќе го сториме ние“. Тоа е неопходно, се разбира, за да им се покаже на Русија и на Кина „кој е шеф во светот“. Во овој случај, се разбира, особено на Пекинг. Бидејќи Кинезите не само што се своевидни спонзори на Северна Кореја, туку, исто така, полека почнуваат да ја преземаат ролјата на лидер во азиско-пацифичкиот регион. Во моментов Пекинг секако нема да оди на воена конфронтација со САД, тоа го покажа несфатливата реакција на провокативниот прелет на американските авиони над спорените јапонско-кинески острови Сенкаку (Диаоју).

Вообичаено, Пекинг не успева да го убеди Пјогнјанг. Последиците од тоа се непредвидливи. На пример, многу аналитичари не ја исклучуваат можноста дека Северна Кореја ќе одговори на евентуалниот американски напад. Секако, нејзиниот капацитет споредено со американските се ништожни, САД нема да бидат засегнати со потенцијален севернокорејски удар, но дали Јужна Кореја. Никој не може да гарантира дека Ким Џонг-ун нема да се обиде да ја спроведе на дело толку очекуваната од САД доктрината на ограничена нуклеарна војна? На 15-ти април беше одбележано раѓањето на втемелувачот на Северна Кореја Ким Ил-сунг. И, вообичаено, следеше новото лансирање на севернокорејските балистички проектили, а на одговорот на Вашингтон веројатно нема долго да се чека.

Најчитани вести