АМЕРИТ: Македонските превозници да не прифаќаат превози од Турција за Русија

Македонските превозници да не се прифаќаат превози од Турција за Русија и да се внимава при останатите превози, односно на потеклото на стоката која се превезува, советуваат од од Стопанската интересна заедница за патен транспорт Македонија сообраќај – АМЕРИТ.

Стопанската интересна заедница за патен транспорт Македонија сообраќај- АМЕРИТ, според информациите што ги добиле од нивни фирми што возат на таа релација, камиони на македонски превозници кои транспортираат расиплива стока од Турција за Русија четврти ден стојат на граница и нема изгледи да ги пуштат.

За камионите што возат стоки со потекло од Македонија немаат проблем. Советуваме да не се прифаќаат превози од Турција за Русија и да се внимава при останатите превози, односно на потеклото на стоката која се превезува, информираат за МИА од АМЕРИТ.

Во известување до своите членки АМЕРИТ наведува дека по нарушените руско-турски односи во последните денови добиле информација оти Руската Федерација започнала со практика на неприфаќање на превозите под покритие на кој  било транзитен режим на стоки, кои потекнуваат од Турција.

Според неофицијалните информации, што ги добивме од терен, сите возила, без оглед на нивната националност, кои што имаат започнато превози на стока од Турција за Русија и возилата, што се натоварени со стока со турско потекло, не им е дозволен истовар на руската територија. Со цел да се избегнат несакани проблеми, поради новонастанатата ситуација ве известуваме се додека не добиеме нови информации за состојбата на терен, да не прифаќате превози од Турција за Русија и да внимавате при останатите превози, на потеклото на стоката која се превезува, се вели во известувањето од АМЕРИТ до превозниците.